Малото дуќанче во маалото каде што живеам работи на истото место веќе петнаесетина години и фискална сметка дава доста редовно, за разлика од порано, кога фискалниот апарат му беше повеќе за украс, мора да признаам. Но картички не прифаќа, како и голем број други мали трговци во државава. И веќе стопати сум го прашал газдата: „Па добро, комшија, кога ќе почнеш да примаш картички, аман?“ А тој стопати ми одговорил исто: „Не ми се исплати, комшија, како не сфаќаш... Околу 70-80 отсто од прометот ми е од цигари, а од кутија имам 2-3 денари заработка. Провизијата на банката е 1,5 отсто од целиот износ, значи, за што ќе работам јас?!“
Токму поради оваа математика на малите трговци, многу често по разните продавници, киосци и слично може да видиме натписи од типот „Цигари и дополнување припејд не може со картички“, или пак внатре ќе ви кажат дека за помали суми мора да платите со кеш итн. Дури и некои од поголемите трговци не прифаќаат картички воопшто. Познат синџир на сендвичарници во Скопје, со промет од неколку милиони евра годишно, има истакнато натпис на наплатните шалтери дека не работат со картички.
Иако од банките велат дека уредите за прифаќање картички, односно т.н. ПОС-терминали им ги даваат на трговците без надомест, многумина од нив одлучуваат да не соработуваат или, пак, и да постават уред, ја ограничуваат употребата на картички.
Прочитај повеќе

Три клучни предизвици за Македонија од разгорувањето на трговската војна
Светската трговска организација прогнозира пад на глобалната трговија во 2025 година поради царинската војна на Трамп.
29.04.2025

„Војна за цените“: Владата замрзна маржи, а трговци картелски се договарале
Антимонополската комисија наводно фатила на дело четири трговски синџири како картелски се договараат за цени, откако Владата замрзна маржи на 1.000 производи
24.02.2025

Падот на продажбата на возила ја однесе трговијата во минус, но прометот од храна расте
Прометот од храна, пијалаци и тутун во трговијата во декември е со раст од 5,8 отсто на годишно ниво. Денеска се бојкотираат големите маркети поради високите цени на храната.
31.01.2025

„Шејн“ под лупа на европските регулатори: Каква судбина ја чека во ЕУ?
„Шејн“ е под лупа на регулаторот поради истрага за прекршување на правилата за заштита на потрошувачите и безбедноста на производите
24.05.2025

„Тему“ го напушта кинескиот модел на увоз за да ги избегне царините на Трамп
Промената на „Тему“ доаѓа во време кога трговците на мало се борат не само со зголемените даноци за увоз туку и со укинувањето на ослободување од царина за мали пратки.
02.05.2025

Голем раст на продажбата на „Тему“ и на „Шејн“ пред оцаринувањето на малите пакети во САД
„Тему“ и „Шејн“ забележаа раст на нивната продажба во март и април во САД бидејќи купувачите складираат резерви од секакви производи пред новите царини за мали пратки.
16.04.2025
„Донекаде може и да ги сфатиме малите трговци, кои се борат за секој денар. Маржите се ниски, особено кај цигарите, мастиките и други производи што најчесто се купуваат кај нив. Големите синџири на маркети не се оптоваруваат со тоа, затоа што имаат огромен обрт секојдневно. ПОС-терминалите им ги даваме бесплатно, но сепак одлуката е кај нив. Провизиите за картичните трансакции постепено се намалуваат, со тоа што тенденцијата е да се изедначат со нивото на ЕУ, каде што се од 0,2 до 0,3 отсто од вредноста на трансакцијата“, велат од една домашна банка.
Точно е дека провизиите што ги наплаќаат банките, како и картичните компании „Виза“ (Visa), „Мастеркард“ (Master Card) и останатите во македонската трговија се намалуваат низ годиниве, но сепак попривилегирани се големите трговци.
Просечната стапка на провизија што трговците ја плаќаат за секоја трансакција со картичка кај нив, постепено се намалила од 1.21 отсто во 202 година, до 1.12 отсто во 2024, покажуваат податоците на Народната банка, којашто ваква евиденција води од 2018 година. Меѓутоа, постои разлика во движењето на овие бројки во зависност од големината на трговците. Па така, кај микро трговците, оние со годишен промет до еден милион денари, просечната провизија била 1.54 отсто во 2018 година, а потоа дури и се зголемувала континуирано, до 1.65 отсто во 2023 година, за да во 2024 падне на 1.60 отсто, и тоа најмногу поради поизразеното намалување во дејноста Електронска трговија, каде што провизијата паднала од 2.63 на 1.99 отсто.
Кај малите трговци, оние со годишен промет од еден до десет милиони денари, прво се забележува намалување на просечната стапка на провизија од 1,34 на 1,30 отсто во 2020 година, за потоа да има зголемување до 1,37 отсто во 2023 година. Минатата година, исто како и кај микротрговците, и во оваа категорија има пад на провизијата, на 1,35 отсто.
Големите трговци, пак, оние со над 50 милиони денари годишен промет, имаат и најмали просечни провизии за картични трансакции, што е и разбирливо, според приходите што им ги носат на банките и светските картични компании. Кај нив просечната провизија се намалува секоја година, поточно од 1,02 отсто пред седум години стигнала до 0,88 отсто во 2024 година.
Инаку, според видот на дејноста на трговецот, во просек највисоки се провизиите во секторот за електронска трговија, каде што во 2024 година биле 1,99 отсто, а најниски кај продавачите на информатичка технологија и бела техника, од 0,77 отсто. Во секторот трговија со прехранбени производи и пијалаци се наоѓа најголемиот број на мали трговци, а тука се и најголемите играчи во трговијата во земјава, трговските синџири што имаат и над 150-200 милиони евра обрт годишно. Тука провизијата изнесува еден отсто просечно на ниво на цел сектор, но кај малите трговци е 1,6, а кај големите 0,88 отсто.
Кај онлајн трговијата е карактеристичен и еден феномен, купувачите иако прават нарачки преку интернет, претпочитаат да платат во кеш при преземањето на пратката. Според последниот извештај на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија (АЕТМ), речиси половина од онлајн нарачките или 47 отсто се плаќани во кеш при испораката, додека тој процент бил дури 75 отсто во Албанија, 74 отсто во БиХ, 71 отсто во Србија итн., за разлика од само 2 отсто во Естонија или 4 отсто во Латвија. Во западните развиени земји овој процент е сведен практично на нула. Бројките се сепак од 2021 година, последните расположливи податоци од Глобал Финдекс (Global Findex), но кажуваат доста за прифаќањето на картичното работење од страна и на купувачите, а не само од трговците.
За волја на вистината, во Македонија од година на година расте бројот на активни трговци што прифаќаат картички, па од 2021 година бројката е порасната за 28,3 отсто, на 15.070 трговци, од кои 13.758 се физички места на продажба, а 1.312 се онлајн продавници. И кај онлајн продавниците има слична динамика на раст, односно за околу 30 отсто за четири години.
Расте постојано и бројот на ПОС-терминалски уреди, па само во 2024 година од 32.272 во јануари, бројката е качена на 34.864 во декември, но сепак остануваат трговци што и да имаат вакви уреди, нерадо ги користат.
„Ние ставивме уред за картички откако видовме дека странските туристи претпочитаат плаќање на тој начин, едноставно, губевме доста муштерии откако ќе слушнеа дека нема опција за плаќање со картичка“, велат од познат угостителски дуќан во центарот на Скопје, каде што, според персоналот, повеќе од половина од гостите се странци.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...