Македонската економија, малопродажба и финансиски сектор се подготвуваат за новиот дигитален бран. Вештачката интелигенција, автоматизацијата и финтек-иновациите ќе го обликуваат пазарот во следните години, а успехот ќе зависи од храброста на политиките, вложувањето во човечки капитал и способноста да се прифатат новите технологии.
Малопродажбата во Македонија, која со години живееше во турбулентни времиња и економски предизвици како резултат на домашните и надворешните трговски политики, се буди во нова дигитална ера.
Покрај ценовните шокови, кои доведоа и до краток гнев кај потрошувачите, малопродажбата се соочува и со недостиг од работна сила поради иселувањето на младото население.
Во ваква клима дигитализацијата и автоматизацијата стануваат нужност. Приватниот сектор смета дека државната поддршка е клучна за дигиталната трансформација, преку обезбедување пристап до финансии и поттикнување инвестиции во нови технологии. Вистинската промена се очекува да се случи со користењето нови технологии и вештачка интелигенција.
Дигитализацијата полека но сигурно го трансформира малопродажниот пејзаж. Во „Тинекс“, од вкупно 42 маркети, веќе 17 се опремени со каси за самонаплата – иновација што, и покрај почетниот скептицизам, секојдневно го зголемува прометот.
Промо/Блумберг Адрија конференцијата Consumer Trends
„Малопродажбата беше успиена, се работи по концепт што не посветуваше внимание на дигитализацијата, што влијаеше на продуктивноста. Сега, недостигот од работа сила си го зема својот дел од данокот и затоа мораме да го менуваме начинот на работа и ние во малопродажбата, но и снабдувачите“, изјави Дејан Јовановиќ, директор за стратегија и деловен развој во „Тинекс“.
„Нашиот пристап се менува – се движиме кон сѐ поголема автоматизација и поедноставување на работните процеси“, истакна Јовановиќ, најавувајќи ново поглавје во модерната малопродажба.
На иста линија со Јовановиќ во однос на дигиталната трансформација е и Горан Ѓорѓиевски, генералниот директор на „Специјал“, кој напомена дека иднината на малопродажбата е во автоматизацијата, дигитализацијата и воведувањето на вештачката интелигенција.
„Продуктивноста не зависи само од мотивираноста на вработените туку и од вложувањата во современа опрема и технологии, при што државата треба да биде активен партнер што ќе обезбеди услови за инвестиции и раст на профитабилноста“, вели Ѓорѓиевски.
Традиционалните медиуми во сенка
Во време на забрзана дигитална трансформација, телекомуникацискиот сектор, пак, се наоѓа во сржта на промените на потрошувачките навики и очекувања. Компанијата „А1 Македонија“ го постави фокусот на супериорна корисничка поддршка и градење доверба, истакнувајќи дека натпреварот на пазарот веќе не се води само преку цените туку и преку иновациите, квалитетот на сервисите и персонализираното искуство што им се нуди на корисниците.
Со 53% застапеност во користењето мобилен интернет во последните пет години, „А1 Македонија“ се позиционира како лидер и двигател на дигиталната трансформација во земјава, дури и во услови на финансиска неизвесност преку систематски и стратешки инвестиции.
Според Борче Ѓорѓески од „А1 Македонија“, комбинацијата на човечкиот фактор и вештачката интелигенција се покажува како најуспешна формула за модерен маркетинг.
„Традиционалните медиуми, како ТВ и радио, сѐ уште имаат своја улога, но сѐ повеќе се поместуваат во втор план. Најважно е пораката да стигне до корисникот преку вистинскиот канал и во вистинскиот момент. Денешните потрошувачи бараат информации преку различни дигитални платформи – од мобилни апликации и четботи, до веб и социјални мрежи – и очекуваат персонализирано и беспрекорно искуство на секој чекор“, вели Ѓорѓески.
Банкарството и осигурувањето итаат кон целосна дигитална трансформација
Додека Македонија чекори кон иднината цртајќи го и својот дигитален профил, банките, осигурителните друштва и Народната банка се главни архитекти на таа трансформација. Во улога на визионери и регулатори, тие го отвораат патот за нови технологии и иновации што ветуваат поедноставен живот за граѓаните и поголема ефикасност за компаниите.
Промо/Блумберг Адрија конференцијата Consumer Trends
Според Иван Величковски, директор на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи во Народната банка, дигитализацијата на плаќањата одамна го трасира својот пат, за кој вели дека ќе се засилува во иднина.
Новата регулаторна рамка во платежниот сектор веќе е во сила, а Народната банка активно соработува со потенцијални нови финтек-играчи, отворајќи го пазарот за уште поголема конкуренција и модерни услуги.
„Им издадовме пет лиценци на постојни играчи во согласност со новата регулатива, а во преговори сме со нови играчи од регионот и од ЕУ што имаат финтек-решенија што можат да ги понудат на пазарот. Влезот на нови играчи ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе овозможи нови начини на плаќање и дигитални паричници што комуницираат и прифаќаат трансакции со кјуар-кодови“, вели Величковски.
Луѓето не сакаат да одат во банки
Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“ АД Скопје, смета дека токму банките се моторот на дигиталната трансформација во Македонија. Причината, како што наведува тој, е едноставна: денешните клиенти сѐ поретко сакаат да посетат шалтер и да чекаат во ред, тие бараат брзи, едноставни и дигитални решенија за своите финансиски потреби.
„Банките имаат значајна предност во знаењето и искуството со дигитализацијата и ќе бидат клучни во трансформацијата на целото општество“, истакнува Кустурица.
Но тој додава дека оваа промена не може да ја водат само банките – неопходна е и поддршка од државата, преку соодветна регулатива и промоција на безготовински плаќања, како и борба против сивата економија.
„Мобилното банкарство ќе овозможи целосна интеракција помеѓу банките и клиентите. Сепак, клиентите бараат персонализиран пристап, сакаат да се чувствуваат како посебни. Банките ќе треба да изградат силни контакт-центри, а филијалите ќе се трансформираат во советодавни центри. Со пристапот што го нарекуваме ДНК на клиентот, ќе можеме да понудиме квалитетни совети и услуги“, вели Кустурица.
Банкарство без граници: Кога услугите стануваат достапни 24/7
Банкарските услуги во Македонија влегуваат во нова дигитална димензија, каде што клиентите очекуваат сѐ – веднаш и од каде било. Катерина Јанковиќ, членка на Управниот одбор на „НЛБ банка“, вели дека технолошкиот напредок не само што го менува секојдневието на клиентите туку влијае и врз начинот на работа на самите банки и нивните вработени.
„Денес клиентите бараат банкарски услуги што се достапни 24/7, преку дигитални канали и без физичко присуство. Токму таа визија е вградена во стратегијата на НЛБ – да станеме целосно дигитална банка“, објаснува Јанковиќ.
Таа додава дека оваа трансформација не значи исчезнување на филијалите, туку нивна еволуција – од класични шалтери во советодавни центри, каде што експертите ќе им помагаат на клиентите со покомплексни финансиски прашања.
Гледајќи кон иднината, таа очекува дека воведувањето вештачка интелигенција ќе донесе уште поголема персонализација и пристапност.
„Ќе ги користиме податоците за проактивно да ги препознаеме и задоволиме потребите на нашите клиенти, наместо да чекаме тие да ни се обратат. Целта е банката да биде вистински советник и партнер во нивниот финансиски раст“, додава Јанковиќ.
Промо/Блумберг Адрија конференцијата Consumer Trends
Осигурување без хартија: Новата дигитална реалност
Осигурителната индустрија, која со децении се потпираше на хартија, потписи и физички архиви, конечно влегува во дигиталната ера.
Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, вели дека токму оваа компанија е меѓу првите што го менуваат традиционалниот пристап во Македонија.
„Ние како австриска компанија направивме исчекор и, водејќи се од потребите на клиентите, ја создадовме платформата ’Еуролинк 360‘, што е наш најголем обид да ги дигитализираме услугите“, објаснува Томеска.
Со ова решение клиентите повеќе не мора да чуваат купишта документи дома или во сефови – сѐ е достапно онлајн, преку мобилен телефон.
„Тие можат да го менуваат начинот на плаќањето, па дури и да пријават барање за отштета онлајн. Осигурувањето е во рацете на клиентите во секое време“, додава таа.
Томеска нагласува дека дигиталната трансформација не само што го олеснува секојдневието туку значително ги намалува и трошоците за сите страни.
„Визијата е целосно дигитално осигурително искуство. Ќе користиме повеќе вештачка интелигенција за да воведеме смарт-договори, кои со блокчејн-технологијата ќе овозможат веднаш исплата на отштетните побарувања“, вели Томеска.
Словенија инвестира, Македонија заостанува: Што ја кочи иновацијата?
Промо/Блумберг Адрија конференцијата Consumer Trends
Осврнувајќи се на дигитализацијата и во јавната администрација и во приватниот сектор, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски нагласува дека иднината на македонската економија зависи од човечкиот капитал и новите технологии.
„Клучен предизвик е човечкиот фактор – и од аспект на политичка одлука и од аспект на незнаење. Тоа се двата аспекта што се судираат и ја прават работата малку потешка од тоа што би требало“, истакнува министерот, додавајќи дека вештачката интелигенција ќе има огромно влијание врз сите сектори, вклучувајќи ги и потрошувачките навики“, вели Андоновски.
Министерот најави и радикални реформи во поддршката на иновациите, со фокус на бесплатни обуки за малите и средните претпријатија.
Но каде е Македонија во глобалната дигитална трансформација? Иако светот бележи рекордни инвестиции во вештачка интелигенција и напредни технологии, Македонија заостанува на ова поле, покажуваат податоците на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Тим-лидерот на аналитика Михаел Блажековиќ вели дека домашните вложувања во истражување и развој се драстично ниски – дури осум пати помали од просекот на Европската Унија. Тоа ја вгнездува Македонија на дното на регионалната скала.
Промо/Блумберг Адрија конференцијатаConsumer Trends
„Словенија се издвојува како лидер во инвестициите во истражување и развој, што се одразува и на нејзините силни извозни резултати. Оваа состојба укажува дека Македонија итно треба да го засили фокусот на иновациите и технолошкиот напредок ако сака да биде конкурентна и да ги следи современите глобални трендови“, вели тој.
„Владините инвестиции во истражување и развој се осум пати помали од просекот на ЕУ, ставајќи ја Македонија на дното на регионалната скала. Спротивно на тоа, Словенија е лидер во инвестициите во истражување и развој, усогласувајќи се со нејзините силни извозни перформанси“, вели Блажековиќ.