Португалската Примеира Лига планира да ја централизира продажбата на телевизиските права до 2028 година, што ќе биде тест за побарувачката на европски фудбалски содржини во време кога другите пазари се соочуваат со предизвици.
Овие активности ги предводи Андре Амарал, поранешен банкар во УБС Груп, кој во април ја презеде функцијата генерален директор на организацијата Лига Португал. По повеќе од 20 години искуство во инвестициското банкарство и на глобалните финансиски пазари во Њујорк, Лондон, Мадрид и Лисабон, каде работел за „Кредит свис“ и УБС, 45-годишниот Амарал се приклучи на професионалниот фудбал во Португалија со цел да ја модернизира и трансформира лигата.
„Гледам уникатна можност да ја модернизираме лигата и да го прошириме нејзиното влијание како платформа за забава и медиуми“, изјави Амарал во интервју за „Блумберг“. Додаде дека има намера да го искористи своето искуство на глобалните пазари и со водење „големи трансакции“ за да го спроведе овој процес.
Прочитај повеќе

Како спортот станува златна карта на светскиот туризам
Спортот и туризмот се совршен спој за бизнис сектори со висок мултипликатор.
12.06.2025

Како спортските клубови станаа инвестициски бисери
Деновите кога професионалните спортски франшизи беа резервирани за локални милијардери, филмски ѕвезди и нафтени тајкуни полека исчезнуваат.
03.06.2025

Долга и скапа трка за враќање на Формула 1 во Африка
Дали Формула 1 конечно ќе се врати во Африка? Многумина се во игра за добивање лиценца за организирање трка.
06.06.2025

Инвеститор на Маск станува сопственик на легендарен англиски клуб
Инвестициска компанија со седиште во Мајами ѝ се приклучува на сопственичката група што го презеде 154 години стариот фудбалски клуб Рединг.
30.05.2025
Овој потег претставува значаен пресврт за Португалија – една од ретките поголеми европски фудбалски лиги во која медиумските права сè уште се договараат индивидуално, од клуб до клуб. Истовремено се работи и на усогласување со новиот закон кој бара централизирана продажба на телевизиските права за двете најсилни лиги во Португалија најдоцна до сезоната 2028/2029.
Амарал вели дека целта на планот е зголемување на вкупните приходи на лигата, но и поправедна распределба на тие приходи. Лига Португал е позната како расадник на таленти и атрактивна дестинација за играчи од целиот свет.
Трите најсилни клубови – Бенфика, Спортинг и Порто – моментално ги добиваат најголемите приходи од медиумски права, додека помалите клубови често се соочуваат со финансиски тешкотии.
Сепак, централизирањето на медиумските права се соочи со сериозни предизвици во Франција и Италија. Француската лига мораше да го измени договорот со „Дазн груп“ (Dazn Group Ltd), првично вреден 400 милиони евра годишно, поради недоразбирања околу уплатите и бројот на претплатници. Во Италија, некои клубови од Серија А имаат финансиски проблеми поради продолжени преговори и можни промени во начинот на емитување.
„Бараме модел кој ќе ја максимизира вредноста на правата преку конкурентен и транспарентен пазарен процес“, изјави Амарал, кој моментално преговара со португалските клубови за дефинирање на овој рамковен план. „Лига Португал е убедена дека може да ја зголеми вредноста на медиумските права привлекувајќи нова публика преку низа стратегии.“
Поголеми приходи
Меѓу потенцијалните инвеститори во медиумските права на португалскиот фудбал се телевизиските куќи, кабелските оператори и онлајн стриминг сервисите. Португалија е позната по врвни фудбалери како Кристијано Роналдо, но и како отскочна штица за јужноамерикански таленти кои потоа се продаваат на поголеми европски клубови.
Според извештајот на компанијата „Ернст енд Јанг“ од 2021 година, заедничката продажба на ТВ права може да ги зголеми годишните приходи на португалските клубови од 176 милиони на дури 325 милиони евра. Податоците биле собрани од фирмите „Графит“ и „Мекензи“, но во извештајот за сезоната 2023/2024 „Ернст енд Јанг“ не даде нови процени за централизираната продажба.
Амарал не сакаше да ги открие сопствените процени на Лига Португал за годишната вредност на медиумските права, но нагласи дека зголемените приходи би можеле да помогнат и во борбата против пиратеријата во спортското емитување, која ја чини индустријата милијарди евра годишно.
„Исклучително сме фокусирани на развој на стратегии за борба против пиратеријата“, рече Амарал. „Истовремено сакаме да создадеме содржини кои се забавни и вирални.“
Лига Португал основа своја компанија за преговори и дистрибуција на правата за емитување натпревари. Амарал вели дека сè уште размислува дали има смисла да се продаде удел во таа компанија во момент кога странски инвеститори сè повеќе вложуваат во некои од најпопуларните португалски клубови.
Да потсетиме, во 2021 година шпанската Ла Лига продаде 10 отсто од својот бизнис на фондот „Си-ви-си капитал партнерс“ за околу две милијарди евра.
„Сè уште не е дефинирано дали има оправдување за отворање на капиталот на таа компанија,“ рече Амарал. Додаде дека резултатите во другите лиги кои одлучиле да вклучат инвеститори биле „мешани“.
„Мислам дека сè уште не сме во фаза во која можеме да утврдиме дали ќе ни бидат потребни надворешни средства за таа компанија“, заклучи тој.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...