Европските акции деновиве продолжуваат со раст, со оглед на зголемениот оптимизам околу тоа дека најлошото сценарио за последиците од царинската политика на Доналд Трамп може да биде избегнато. Дополнителен оптимизам влеваат и добрите вести за растот на зделките на спојувања и преземања (mergers and acquisitions – M&A) на континентот.
Во моментот на затворање на овој текст, 12 часот во петокот (2 мај), паневропскиот индекс Stoxx 600 имаше додадено околу еден процент на својата вредност во дневното тргување, британскиот FTSE 100 беше пораснат за 0,8 проценти, германскиот DAX на половина од трговскиот ден веќе имаше 1,55 проценти пораст, a францускиот CAC 40 имаше 1,4 проценти.
Банкарскиот сектор е меѓу најголемите добитници во Европа периодов, со тоа што најголем скок за еден ден имаше италијанската „Банка генерали“, 5,2 отсто, откако конкуренцијата односно „Медиобанка“ (Mediobanca SpA) даде неочекувана понуда за преземање од 6,3 милијарди евра (7,2 милијарди долари), како што извести „Блумберг“. Во биотехнологијата, акциите на германската групација „Мерк“ (Merck KGaA) пораснаа за 1,3 отсто по нејзината одлука да ја купи американската биофармацевтска фирма „Спрингворкс терапеутикс“ (SpringWorks Therapeutics Inc.) Во преостанатите сектори, британската компанија за достава на онлајн нарачки на храна „Деливеру“ (Deliveroo plc.) забележа пораст на акцијата од дури 17 отсто, откако доби понуда за преземање од страна на американската фирма од истата бранша „Дордаш“ (DoorDash Inc.) во износ од 3,6 милијарди долари.
Прочитај повеќе

Берзански преглед: Акциите растат откако Кина сугерира можни трговски разговори со САД
S&P 500 расте осум дена по ред - најдолг период од август - во услови на зголемен оптимизам дека трговските тензии се намалуваат.
02.05.2025

Дали поседувате акции на „Енвидија“? Оптимизмот на аналитичарите бледнее
Оценката „продава“ се издвојува во услови на претежно позитивен консензус за акциите на „Енвидија“, компанија која стана синоним за вештачка интелигенција во последните неколку години.
01.05.2025

Го допре ли S&P 500 дното или ќе паѓа и понатаму?
Анализираме какви се изгледите за американскиот индекс S&P 500 до крајот на 2025 година.
30.04.2025

И македонските инвестициски фондови „ранети“ во царинската војна на Трамп
Турбуленциите на светските пазари ги погодија и домашните инвестициски фондови.
30.04.2025


Инвестициски предизвици и можности: Стратегии во време на нестабилност
Како и во што да се инвестира во околностите што ги предизвика Трамп?
23.04.2025

Европските берзи ја почнаа 2025 година со оптимизам, што во првиот квартал значеше подобри перформанси од американските пазари. FTSE, DAX и CAC 40 имаа раст во првите три месеци од 10,7 отсто, 3,9 отсто и 5,.4 отсто соодветно, додека во истиот период американските индекси беа во црвена зона – S&P 500 заклучно со 31 март имаше пад од 4,4 отсто, Dow Jones од речиси еден процент, а големите технолошки компании беа најмногу погодени, па Nasdaq Composite го заврши кварталот со 10,3 отсто помала вредност во однос на крајот од 2024 година.
Овој тренд во Европа беше поттикнат од очекувањата за зголемени државни инвестиции во одбраната и енергетиката, како и од монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ), која продолжува со олабавувањето. Но објавувањето на царините од страна на администрацијата на американскиот претседател на фамозниот втори април и играта топло-ладно и постојаното менување на одлуките што следуваше потоа, предизвикаа нестабилност на пазарите и од двете страни на Атлантикот.
Па така, видовме паника и стампедо на Волстрит, како и во Европа, со тоа што во првата недела по објавувањето на царините, S&P 500 загуби дури 12 отсто, Dox Jones речиси 11 отсто, а Nasdaq падна за над 13 проценти. Главните европски индекси не поминаа ништо подобро, па DAX имаше пад од 11,5 отсто, FTSE 100 од 10,8 отсто, a CAC 40 загуби најмногу од вредноста за шест-седум дена, односно 12,7 отсто. Оттогаш сите берзи закрепнуваат, со тоа што американските сѐ уште се во минус гледано од почетокот на годината, додека европските бидејќи имаа многу подобар старт во првиот квартал пополека ги надоместуваат загубите од првите денови на „царинската паника“, и од самиот почеток на 2025 година се во значителен плус.
Иако добрите квартални резултати на американските корпорации ги „билдаат“ индексите на Волстрит деновиве, сума сумарум од почетокот на 2025 година европските финансиски пазари сепак се покажаа поотпорни додека Трамп се обидува да ја преобликува глобалната трговија и ја поткопува повеќедецениската американска доминација. Стариот Континент ги надмина американските финансиски пазари речиси во секој поглед. Еврото е најсилно во последните три години. Германските обврзници достигнаа рекордно високо ниво минатата недела, а европските акции се покажаа многу поотпорни отколку што се сметаше. Само во последните шест месеци се случи неверојатна промена.
„Европа досега беше како музеј, сега оживува“
Европските акции се покажаа како многу поотпорни од американските, иако на крајот на 2024 година се чинеше дека тие засекогаш ќе останат во сенка. Главните теми тогаш беа активностите на американските компании вклучени во развојот на вештачката интелигенција, растот на доларот и претстојниот бран на намалување на даноците за „да ја направиме Америка повторно голема“.
„Се чини дека Европа досега беше музеј, а сега оживува“, коментираше за „Блумберг“ Кетрин Браганса од „Инсајд инвестмент“ (Insight Investment) во Лондон. Американските царини ги натераа инвеститорите да се запрашаат дали државните обврзници и доларот ќе продолжат да обезбедуваат безбедно прибежиште. Германија вети стотици милијарди евра за трошоци за одбрана и инфраструктура откако Трамп јасно стави до знаење дека Вашингтон повеќе нема да биде главен гарант на европската безбедност. Инвеститорите сега бараат начин да ги засолнат своите пари надвор од директниот дострел на политиката на Трамп и нејзината непредвидливост.
Некои од најголемите имиња во финансиите се позиционираат за поголеми добивки во Европа. „Вангард интернешнл“ (Vanguard International) е заинтересиран за краткорочни обврзници во еврозоната, а централната банка може да ги намали каматните стапки. „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), пак, предвидува дека еврото ќе порасне на 1,20 долар како што американската валута ќе ослабува.
Секако, американските царини донесоа и главоболки во Европа - тие го намалија оптимизмот околу одлуката на Германија минатиот месец да се впушти во големо трошење, а перспективата за рецесија во Америка ќе влијае на другите економии, вклучувајќи ја и Европската Унија. Сепак, многу работи сè уште одат во прилог на европските пазари, а долгорочната ротација на пари во регионот штотуку започнува. Европските политичари и банкари го гледаат падот на доларот како можност за еврото, кое досега се сметаше за резервна валута, да напредува. Европскиот блок е посилен од кога било, што ги ублажи понатамошните падови во земјите што се доста задолжени, како што е Италија.
ЕУ е „поотпорна отколку во минатото и тоа би требало да биде добро и за инвестициските текови“, вели Василиос Ѓионакис, виш економист и стратег во „Авива инвесторс“ (Aviva Investors). Европските акции исто така привлекуваат инвеститори, бидејќи американските пазари се многу нестабилни. Неодамнешното истражување на менаџерите на глобални фондови од страна на Банката на Америка (Bank of America Corp.) покажа дека рекорден број испитаници имале намера да ја намалат својата изложеност кон американските акции.
Француската инвестициска компанија „Амунди“ (Amundi) ги фаворизира европските акции, со предност на акциите од одбранбената индустрија. Нивниот инвестициски директор Винсент Мортие вели дека континентот е добро позициониран да ги улови приливите како што се менува глобалниот трговски систем. „Вакви моменти се случуваат само еднаш на 100 или 200 години“, наведе тој во едно интервју. „Европа е повторно на мапата“.
Словенечкиот индекс регионален шампион
И додека политиката на Трамп внесува немири на глобалните финансиски пазари, пазарите на капитал во регионот Адрија покажуваат изненадувачка отпорност - барем во некои сегменти.
И покрај глобалните превирања предизвикани од трговската политика на САД, берзите во регионот Адрија покажуваат знаци на будење: Белград со нови емисии на корпоративни обврзници, Загреб со првите знаци на активност на првични јавни понуди, Љубљана со враќање на довербата и Сараево со амбициозни планови. Во Скопје, пак, берзата се обидува преку засилена соработка и поддршка од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) да им го доближи овој пазар на капитал за финансирање на компаниите. За таа цел неодамна берзата и ЕБРД потпишаа и меморандум, а двете институции ќе им помагаат на фирмите што би се одлучиле да се финансираат пазарно.
Инаку, 2025 година регионалните берзи ја почнаа измешано – со тоа што словенечкиот индекс SBI TOP има убедливо најдобри перформанси. Стартуваше силно на крилјата на високиот промет со акциите на фармацевтската компанија „Крка“ (Krka), нафтениот гигант „Петрол“ (Petrol) и на преостанатите домашни блучипови, па кон крајот на февруари индексот надмина 2.000 поени, за првпат по 17 години.
По втори април, како и сите други пазари во светот и во регионот, и Љубљанската берза имаше пад, но потоа закрепна и во првите денови на мај е на ниво повисоко за околу 20 проценти од почетокот на годинава. Марко Бомбач, претседател на управата на Љубљанската берза, за „Блумберг Адрија ТВ“ изјави дека растот им се припишува на деловните резултати на компаниите и јакнењето на довербата на инвеститорите.
Другите пазари во регионот Адрија не забележаа таков силен подем од почетокот на годината и сите поминаа низ неколкуте пеколни денови по втори април и објавата на царините на Трамп. По закрепнувањето, втор најголем по раст во 2025 година е индексот на Сараевската берза, SASX-10, со 11,3 проценти раст заклучно со 2 мај, пред хрватскиот Crobex со околу 3,6 проценти, а само белградскиот Belex 15 нема никаков раст мерено од почетокот на годината, односно е во минус од 0,5 проценти.
Од Белградската берза се израдуваа на успешното емитување на корпоративна обврзница на компанијата „Еликсир група“, а очекуваат уште дваесетина компании во блиска иднина да го направат истото тоа. На Загрепската берза по три години стагнација гледаат нова шанса за заживување на пазарот преку иницијални јавни понуди на акции (ИПО). Иако индексот бележи осцилации, а ликвидноста останува скромна, директорката на берзата Ивана Гажиќ прогнозира враќање на довербата меѓу компаниите и инвеститорите.
На Македонската берза индексот МБИ10, по извонредната 2024 година и растот од 65 проценти, годинава не ја почна лошо, со раст од речиси 8,5 проценти до 21 јануари, но потоа до 5 февруари имаше надолен тренд, кога индексот загуби 8 проценти и практично ја збриша целата добивка од почетокот на годината. Потоа имаше извесно закрепнување, индексот стигна до 10.792 поени на 14 февруари, за да се движи во границата од 10.300 до 10.500 во наредните две седмици. Паниката од светските берзи не се пренесе веднаш на домашен терен, туку во понеделникот, на 7 април, индексот имаше драстичен пад од 3,8 отсто. По извесни осцилации, некаде од 24 април МБИ10 почна континуирано да расте и скратената работна недела поради првомајските празници ја заврши со 10.472 поени, што е за 2,66 проценти раст од почетокот на 2025 година.
- Текстот е ажуриран со податоците за берзанските индекси заклучно со 5.5.2025.