Светска банка смета дека македонската економија годинава ќе забави и нема да ги достигне ни ланските 2,8 отсто раст. Според последните проекции на банката, БДП годинава ќе порасне само 2,6 отсто. Минатогодишниот раст, според оваа проекција земјава ќе го достигне дури во 2027 година.
Владата пак смета дека годинава растот ќе се врати на нивото од пред пандемијата и ќе стигне до 3,7 отсто. За до 2027 година, владиниот оптимизам го крева растот до 5 отсто до 2028 година, стапка која земјава не ја достигнала во 20 години (од периодот од 2006 до 2008 година).
Меѓу овие две крајности се проекциите на Народната банка за раст на БДП од 3,3 отсто во оваа 2025 година, ММФ проектира раст од 3,2 отсто. Слична е проекцијата на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Нашите аналитичари сметаат дека земјава оваа година ќе забележи економски раст од 3 отсто, иста е и прокецијата на ЕБОР.
Прочитај повеќе


ЕБОР ги намали изгледите за економскиот раст на Mакедонија
Ризиците произлегуваат од високата трговска отвореност и изложеноста кон еврозоната, особено германската автомобилска индустрија, која може да биде под влијание на тековните трговски тензии.
28.02.2025

„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, но предупредува за сивата економија
Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилни изгледи
25.01.2025

Економски оптимизам за 2025 година кај домашните експерти: Има и предизвици
Главен предизвик за годинава ќе биде геополитичката нестабилност.
04.01.2025
На што се должат овие силни разлики во очекувањата за македонската економија? Која проекција е реална? Дали Владата премногу очекува и на што го темели високиот оптимизам?
Различен пристап
Проекциите за македонскиот раст се толку различни затоа што сите институции имаат различен пристап во анализите. Според професорот на Универизтетот Американ колеџ во Скопје, Марјан Петрески, најреалните се проекциите кои го земаат предвид капацитетот на економијата што значи и на владата и на приватниот сектор. Таква е проекцијата на НБРМ, вели тој.
Песимизмот на Светска банка, според него, се темели и на домашните прилики, но и на глобалните турбуленции предизвикани од царинските политики на Доналд Трамп. Оттука и проекцијата за 2,6 отсто може да се смета за реална.
„Владината проекција за раст од 3,7 отсто изгледа оптимистичка. Таа е заснована на очекувани инвестиции и странски, но и домашни поттикнати од унгарскиот кредит, и се разбира од спроведувањето на државните капитални проекти“, изјави Петрески во разговор за ТВ Блумберг Адрија.
Капитални инвестиции
Столбот на растот, според изјавите на високите владини функционери, ќе бидат државните инфраструктурни проекти, пред сè патиштата.
„Се гради Охрид-Кичево, се гради Гостивар-Букојчани, се гради Гостивар-Тетово и се гради Прилеп-Битола, а најавувам дека во моментов имаме отворен повик и ќе се гради спојката меѓу двата автопати Букојачни – Кичево, значи ќе имаме изградба на пет автопатишта“, изјави неодамна во интервју потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николовски.
И покрај ваквата активност, податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со 28 април реализирани се 104 милиони евра (6,4 милијарди денари) или само 13,6 отсто од 800 милиони евра.
Уште при носењето на буџетот за 2025 година експертите предупредуваа дека како и секоја година при проектирањето на буџетот не се води сметка за ограничениот институционален капацитет за реализација на јавните инвестиции низ години наназад.
„Гледано од таа перспектива, проектирањето на капиталните расходи за 2025 година на ниво од над 800 милиони евра останува со назнаката ’преоптимистичко‘ и со познатиот ризик тие да бидат значајно скратени при првиот ребаланс на Буџетот“, напишаа експертите од „Фајнанс тинк“ во коментарот за буџетот за оваа година.
Првиот ребаланс на буџетот за годинава е веќе најавен за јуни.
Унгарскиот кредит
Вториот столб на кој се темели оптимизмот на Владата се домашните компании. Очекувањата се дека тие ќе влезат во инвестициски циклус со помош на парите од унгарскиот кредит.
Домашните компании имаат на располагање над половина милијарда евра од овие пари под поволни услови – грејс период од три години, рок на отплата од 15 години и каматна стапка од 1,95 отсто.
Сепак, професорот Петрески вели дека апсорпциската моќ на приватниот сектор за нови кредити во просек годишно изнесува околу 300 милиони евра.
„Не може да очекуваме дека ќе се пласираат 550 милиони евра. Значи обемот ќе остане сличен или благо поголем. Разликата е во тоа што стопанството ќе искористи од поповолните услови“, објаснува професорот.
За илустрација, досега од унгарскиот кредит ќе е раситнета ни првата стотка. Преку две транши исплатени се кредити во висина од 84,4 милиони евра на 295 компании.
Странски инвестиции
Странските директни инвестиции во земјава лани достигнаа рекордно ниво од над милијарда евра.
Владата се надева дека позитивниот тренд ќе продолжи во текот на оваа година што ќе даде силен импулс на економскиот раст.
„Во завршна фаза сме на околу 15-тина инвестиции, дел од нив се веќе завршени, со дел од нив преговараме. Со дел од нив сме во потесна конкуренција со некои други земји, односно во најтесна конкуренција се одлучува помеѓу нас и уште некоја земја. Јас очекувам дека со огромен процент на реализација овие инвестиции ќе бидат успешни“, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски.
Индустрија
Индустриското производство во март годинава е зголемено за 5.2 отсто во однос на март 2024 година, покажуваат статистичките податоци што е прв ваков раст по подолго време.
„Во вториот квартал од 2024 година, индустриското производство паѓаше со стапка од седум отсто, а индустријата беше во тешка рецесија. Следеа два квартали на стабилизација и конечно имаме во првиот квартал од 2025 година раст на индустриското производство, во исклучително сложени услови за европската економија и автомобилската индустрија“, изјави премиерот Мицкоски по објавувањето на овој податок.
Сепак, позитивниот тренд во индустријата не се отсликува на бројот на работници во секторот. Во истиот месец, месец тој се намалил за 4,3 отсто, а негативниот тренд трае од средината на минатата година.
Продуктивноста е клучна
Паралелно со податоци за намалување на бројот на работници одат податоците за растот на продуктивноста. Од октомври лани таа излезе од негативната зона.
Според гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска основен услов за поголем раст е зголемувањето на продуктивноста.
„Потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30 отсто од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50 отсто од европската“, изјави таа неодамна.
Реформи
Структурните реформи во изминативе години станаа фолклор – странските организации ги препорачуваат, Владата ги најавува. И двете страни се согласни дека без нив и растот ќе каска.
„Долгорочните перспективи за раст се силно поврзани со темпото на спроведување на реформите и структурната трансформација на економијата. Спроведувањето на реформската агенда што би го унапредила процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ), како и фокусирањето на реформите во работната сила, енергетиката, дигиталните технологии и управувањето, би можеле да донесат значајни придобивки за растот“, наведува Светска банка во последниот извештај.
„Ние потфрламе кај клучните системски реформи како што се сивата економија, државната помош, парафискални давачки, ефикасност на јавните трошења а најмногу во делот на справување со корупцијата и општото управување на институциите во земјава. Ова се факторите кои го ретардираат растот и придонесува да котираме пониско од земјите во регионот“, вели професорот Петрески.