Не отпишувајте ја идејата за „американска исклучителност“, бидејќи американскиот берзански пазар сè уште е најдобро место за инвестирање, со оглед на силниот раст на акциите, според Инвестицискиот институт на „Блекрок“ (BlackRock).
Слабите резултати на американските акции годинава во споредба со европските веројатно нема да траат долго, бидејќи американските компании ќе прикажат посилни заработки благодарение на усвојувањето и инвестициите во вештачка интелигенција, изјави на брифинг во средата Веј Ли, главен глобален стратег за инвестиции во единицата на најголемиот светски управувач со средства.
„Големата слика е дека сè уште сме во режим на преземање ризик, и покрај тоа што има огромна неизвесност“, рече Ли на брифингот за инвестициските изгледи на компанијата за втората половина од 2025 година.
Ставот на „Блекрок“ е спротивен на мислењата на некои инвеститори, кои повикаа на диверзификација надвор од САД, откако трговските и фискалните политики на претседателот Доналд Трамп ги потресоа финансиските пазари претходно годинава, нарушувајќи ја довербата во најголемата светска економија.
Индексот S&P 500 има принос од над 5 отсто годинава, што е помалку од речиси 7 отсто добивка на индексот Stoxx Europe 600, кој има полза од очекувањата за дополнителен фискален стимул во регионот. Изразено во долари, европскиот индекс има принос од околу 22 отсто годинава.
Ова е пресврт на пазарната динамика од последните неколку години, кога американскиот индекс далеку ги надмина развиените пазари, главно поради растот на акциите на американските технолошки гиганти.
„Блекрок“ очекува заработката на американските компании да порасне за 6 отсто во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година, наспроти околу 2 отсто во Европа. Во првиот квартал, американските компании остварија раст од 14 отсто, далеку над 2 отсто раст во Европа, според тимот. Следниот циклус на објавување на заработките во САД започнува овој месец.
„Основната сила, динамиката и иновативниот потенцијал на американскиот корпоративен сектор остануваат ненадминати“, рече Мајкл Пајл, заменик-раководител на групата за управување со портфолија на „Блекрок“.
Одделно, Ли изјави дека американските државни обврзници (Treasuries) се помалку атрактивни од американските акции, бидејќи трговската војна на Трамп може да ја зголеми инфлацијата, што значи дека инвеститорите пресметуваат премногу намалувања на каматните стапки од страна на Федералните резерви (Фед). Исто така, даночниот закон што се разгледува во Конгресот веројатно ќе го зголеми веќе високиот долг на САД, што ќе врши дополнителен притисок врз долгорочните обврзници, според Ли. Тоа ги прави американските обврзници помалку сигурна заштита во портфолиото, смета таа.
Наместо тоа, американските инвеститори треба да размислат за европски обврзници со хеџирање на валута, пристап што нуди повисоки приноси од домашниот пазар, додаде Ли.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...